Одобрен Планот за управување со Националниот парк Шар Планина за периодот 2022-2031 година

Само 4 до 6 % од лицата кои се снабдувале со дрвна маса на Шар Планина биле со дозвола, сите останати без дозвола. Моторните возила се движеле низ целиот шарпланински масив. Отпадоци насекаде. Поголема контрола на ваквите забранети појави, ќе овозможи и одобрениот План за управување со Националниот парк за период од 10 години. Прво ќе се заштити природата, за потоа да може да биде и привлечна за туристите, за да се има и економски бенефит.

Опустошена од дрвократци, со пробиени патишта за моторни возила, мини депонии, вакви се сликите на Шара. Од Јавната установа Национален парк Шар Планина велат дека евидентираат голема штета врз шумските комплекси.

За нив сега приоритет е заштитата на природата пред се од илегалните активности, за понатаму да се овозможи развој, што се предвидува и со 10 годишниот План за управување.

„Да го заштитиме ова подрачје, зашто навиките од неколку години однапред се навики, така што со новиот план и да соработуваме со локалното население и со инстутуциите, да воспоставиме ред за подобро да стигннеме до вториот столб, а тоа е развојниот дел“ – изјави Ибрахим Дехари, директор на ЈУ Национален парк Шар Планина

Масовен туризам ќе се случува само во бафер зоната на Попова Шапка, додека Паркот во иднина ќе стави акцент на алтернативни и еколошки форми на туризам.

„Развој на пасиштата, престој на туристи во локално сместување, во планинските села кои се наоѓаат во паркот да се создадат услови туристите да поминат повеќе денови на планината и да остварат економски бенефит за локалното население. Една од тие форми, значајни, е јавањето коњи, која што е како традиционална активност која во иднина треба да биде поддржана, пчеларењето, пашата итн.“, изјави Анела Ставревска Панајотова, раководител на Одделение за заштита на природа – ЈУНПШП

Вкупно 7 општини во полошкиот регион имаат делови во Националниот парк, кој опфаќа површина од 62 702 хектари.

Данијела Билбилоска