Од идеја до реализација – љубовта кон филмот на младата Ана Андонова

Преполна со идеи и креативност – тоа е младата Ана Андонова од Тетово, која уште од мала возраст се занимава со уметност. Театар, балет, фотографија се областите во кои реди низа искуства и успеси, но најмногу е посветена на креирањето краткометражни филмови. Ана за нејзините дела добила неколку признанија и награди.

„Позади себе имам 5 краткометражни филмови. За некои од нив сум добила награди, имам учествувано на Државниот фестивал за непрофесионален филм и таму имам освојувано неколку награди. Имам учествувано и на фестивали и во други земји во светот. Сум имала среќа да запознаам голем број актери-аматери и ми е интересно да работам со луѓе кои никогаш не работеле во театар и на филм, бидејќи од нив секогаш може нешто посебно да се извлече“, вели Ана.

Секое дело има свое значење и своја порака, но Ана вели дека најдраг за неа е првиот краток филм кој го изработила – „Грашок“.

„Најдраг ми е Грашок – не е совршен, но мене ми е најдраг зошто е прв филм, не знаевме ни точно зошто го правевме, но беше со најголема љубов изработен. А филм кој исто така многу ми значи е последниот филм Малечка – ќе трае подолго и многу голем труд вложив во него од моја страна, како и од страна на екипата“, вели Андонова.

Освен режијата, нејзина голема љубов е и монтажата и анимацијата, кои сега се дел и од нејзиното образование и напорно работи на нивно усовршување. Ана ги почитува мерките за заштита во сегашната ситуација, па чека погоден момент за да ја реализира премиерата на нејзиното најново дело „Малечка“, за која верува дека ќе биде во многу блиска иднина.

error: Content is protected !!