Од недела блокада на Русино, ќе важи и за камионите со ѓубре од Гостивар

Од недела точно напладне започнува десетдневно блокирање на патот кој води до Русино. Граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“, организатори на блокадата, соопштија дека со автомобили и трактори ќе се лоцираат на патот, и нема да пропуштаат камиони и возила со отпад. Други возила ќе можат да поминуваат. Се‘ додека таканаречената депонија гори, блокадата ќе важи и за камионите на ЈКП „Комуналец“ Гостивар.

„Нашата цел е јасна, затворање на тоа диво ѓубриште Русино што го труе Гостивар. Нека најдат друга, некоја соодветна локација, каде ќе биде тоа не е наша работа, нека изнајдат решение. На Русино веќе нема да дозволиме да се носи ќубре“, рече Анастасија Дукоска од иницијативата.

Организаторите на блокадата нагласуваат дека се разочарани од институциите кои само ветуваат дека ќе се преземат мерки за гаснење на пожарот, а не прават ништо.

Како свои барања ги истакнуваат: Да се запре горењето на Русино, да се стават камери и обезбедување за да се спречат или идентификуваат подметнувачи на пожари и општината да поднесе итно барање до надлежните за санација и затворање на ѓубриштето Русино и одредување нова локација и изградба на регионална депонија согласно ЕУ стандардите. Активистите велат дека ќе дозволат приод за возилата на гостиварски Комуналец кога ќе се исполнат овие барања.

Напоменуваат дека надеж полагаат и во Армијата, чии претставници деновиве го посетија Русино и ветиле дека ќе се вклучат во гаснење, доколку продолжи горењето.

На јавната дебата што се одржа пред неколку дена во Гостивар, градоначалникот Арбен Таравари рече дека од понеделник, на околните општини им е е забрането да носат смет, а Русино ќе го користи само гостиварски Комуналец.

Каква ќе биде разврската и текот на настаните со блокирањето, останува да се види.