Од 1 јули комбињата и автобусите кои вршат јавен превоз на патници нема да можат да застануваат на постојките во Тетово

Од 1 јули комбињата и автобусите кои вршат јавен превоз на патници нема да можат да застануваат на постојките во Тетово, туку ќе се упатуваат директно до автобуската станица. Тетовската локална самоуправа најави забрана за влегување на превозни возила во градот, а со тоа и да ги мотивира граѓаните да ги користат општинските автобуси.

Повеќемина од патниците, па и возачите, кои ги анкетиравме не се согласуваат со оваа одлука. Велат дека има лица кои не можат многу да пешачат, а користењето на општинскиот превоз дополнително би им го зголемил трошокот.

Од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека до надлежните служби од Одделението за полиција, односно со инспекторите по сообраќај не е доставено никакво писмено барање, ниту известување околу најавената забрана.

На секоја измена на сообраќајниот режим треба да и претходи изготвување на ревидиран стручен проект и согласност од МВР, а не да се преземаат чекори на своја рака и надвор од законски предвидената процедура. СВР Тетово секогаш е отворен за соработка со локалните самоуправи од подрачјето, но исклучиво во рамките на неговите законски ингеренции и важечките процедури и постапува согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.” – Сектор за внатрешни работи Тетово

Од Секторот додаваат дека доколку службите констатираат законски неправилности адекватно ќе реагираат и ќе изготват пријави против сите кои ќе ја прекршат законската регулатива, без разлика дали станува збор за институции, правни или физички лица.

Данијела Билбилоска