Околу 70 проценти од руралните општини во тетовско немаат безбедна вода за пиење
Жителите на многу рурални средини во полошко немаат безбедна вода за пиење во чешмите, покажале резултатите од испитувањата на Центарот за јавно здравје – Тетово. Експертите причината ја лоцираат во несоодветното управување со водоснабдителните објекти.
Околу 70 проценти од руралните општини во тетовско немаат безбедна вода за пиење. Анализите на Центарот за јавно здравје Тетово за минатата година покажале дека мострите земени од чешми во повеќето села не одговараат по правилниците и стандардите.
Дел од жителите на селата велат дека купуваат вода, а некои сепак пијат од чешма.
„Јас ќе ја превријам и ќе ја пијам. Има што купуваат, што не пијат вода од чешма“, вели жителка на Рогачево.
„Јас пијам од дома од чешма, не купувам никогаш“, вели жител на тетовско село.
Доктор Ратко Давидовски вели микробиолошки неисправната вода се должи на несоодветното управување со водоснабдителните објекти.
„Неоформеност на заштитни зони, односно таму каде што ги има не се одржуваат, а ги има во многу мал процент. Застарена и подложна на чести дефекти водоводна мрежа. Потполно отсуство на дезинфекција во огромен процент на населените места. Таму каде што има дезинфекција се врши рачно. Често имаме нестручно одржување на водообјектите“, вели доктор Ратко Давидовски, од Центарот за јавно здравје Тетово.
Центарот за јавно здравје има склучено договор за редовно мониторирање на квалитетот и безбедноста на водата за пиење само со општина Брвеница, а другите по барање. Материјалните средства се проблем секаде, вели доктор Давидовски.
„Често пати ни кажуваат, да ако ставиме хлоринатор за редовна дезинфкција на водата за пиење струјата ќе не чини толку и толку а ние во моемнтов не можеме да ја платиме. Меѓутоа ефектот го гледаме, штом има дисконтинутет процентот на микробиолошки загадени води е голем“, вели д-р Давидовски.
Водата во градот, пак, е безбедна за пиење, но на годишно ниво се контролира само со 25 % од предвидениот број мостри, според националната програма, затоа што комуналното претпријатие нема договор со Центарот.
Данијела Билбилоска