Општината бара предлози за локација на Туристичкиот инфо центар во Гостивар

Деновиве на градскиот плоштад во Гостивар се монтира привремен објект, во кој ќе биде сместен Туристички инфо центар. Локацијата на монтажниот објект предизвика реакции во јавноста, а со критики се јави и огранокот на ДУИ. Во нивното соопштение се наведува дека објектот го попречува движењето на граѓаните, а општината на овој начин узурпира јавен простор.

„Како партија го поддржуваме проектот како добра можност да се промовира Гостивар и неговата околина како туристичка дестинација, но локацијата е дискутабилна и избрана без консултација со граѓаните. Со објектот се узурпира важен дел од градскиот плоштад.“, потенцираа од ДУИ.

По неколку дена откако почна поставувањето на бараката, општината излезе со повик до граѓаните да дадат свои предлози за локација, објаснувајќи дека сегашната не била конечна.

„Тој проект не е на Таравари, туку на Министерството за локална самоуправа и Полошкиот регион секако во соработка со Општина Гостивар. Јас лично немам никаква корист од тоа каде ќе биде сместен, туку едноставно е важно да има таков центар. Постојат скептици, што и да направиш ќе реагираат негативно. Такво искуство имавме и со кровот на ОУ „Гоце Делчев“ и со други инвестици во училиштата. На некои луѓе едноставно ништо не им чини, или проектот не е добар за нив или сметаат дека е скапо и слично. Но, има и граѓани кои искрено кажуваат дека моменталната локација каде се поставува објектот не ја одобруваат и дека може да се најде поубаво место. Затоа ги повикуваме граѓаните да го дадат своето мислење и идеи за конечна локација на Инфо центарот. Сегашната не е конечна локација, ќе ги разгледаме сите предлози и од граѓани, и од политички партии, па ќе се донесе одлука. Јас немам тенденција дека објектот мора да биде на плоштадот“, изјави градоначалникот Арбен Таравари.

Проект Туристички инфо центар го спроведува Општина Гостивар во соработка со Центарот за развој на Полошкиот плански регион. Финансиран е од Министерството за локална самоуправа и швајцарската Агенција за развој и соработка во вредност од 20 илјади евра. Инаку, претходно за поставување на инфо центарот, Советот на Општина Гостивар  едногласно даде зелено светло.

error: Content is protected !!