Општината ги отстрани грпките на булеварот Индустриска по барање на СВР Тетово

Отстранети се грпките на улицата „Видоја Смилевски-Бато“, позната како Индустриска, кои  предходно ги постави локалната самоуправа на барање на жителите во тој дел од градот. Од СВР Тетово велат дека овој потег е направен бидејќи истите не ги исполнувале законските услови, а во следниот период, преку проект, ќе бидат поставени вакви испакнатини според стандарди, а ќе има и соодветна сообраќајна сигнализација.

„До Секторот за внатрешни работи Тетово поднесен е проект за поставување на вештачки испакнатини, таканаречени „грпки“, на улицата „Видоја Смилевски-Бато“ во Тетово, што го изготвиле од тетовската локална самоуправа. Неодамна поставените „грпки“, пак, по барање на СВР Тетово, вчера (16 февруари) се целосно отстранети, бидејќи не ги исполнувале предвидените законски услови согласно член 351 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за средства за забавување на сообраќајот. Со проектот, кој ќе ја добие потребната согласност од СВР Тетово, на неколку места на оваа улица ќе се постават вакви испакнатини, кои ќе бидат заокружени и со соодветни сообраќајни знаци и кои ќе бидат осветлени во вечерните часови. Со поставувањето на „грпките“ ќе се придонесе за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот и посебно на пешаците, дотолку повеќе што на овој потег се наоѓа и училиште, во кое се образуваат и најмлади основци“, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Жителите на околните населби на 25 јануари излегоа на протест, преку кој побараа од надлежните поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, при што упатија неколку барања- да се постават грпки на улицата, физчко делење на целиот индустриски пат со соодветни пешачки премини и да биде разгледано прашањето за надвозник за училиштето.


На оваа улица чести се сообраќајните несреќи. Пресудно за жителите да излезат на протест беше 6-годишното девојче жртва. Минатата година во вкупно 50 сообраќајни незгоди се повредени 14 пешаци и еден велосипедист.