Општина Гостивар апелира институциите да доаѓаат на состаноците на Кризниот штаб

Многу празни столчиња во салата на Општина Гостивар, кадешто се одржува состанок на Кризниот штаб за состојбата со коронавирусот. Иако токму овој период, Гостивар е еден од најпогодените региони од заразата, голем дел од институциите неколку недели наназад не испраќаат свои претставници. Поради тоа не може да се добијат сите информаци, како на пример за контролите на лицата со решенија за изолација, за болничките капацитети за пациенти со ковид и друго.

Од локалната самоуправа апелираа институциите коишто се дел од Кризниот штаб посериозно да ја сфатат обврската и да доаѓаат на состаноците.

„„Апелот е сите да дадат придонес во оваа борба со пандемијата. Сите институции кои се компетентни за некој дел од справувањето со состојбите, би требало да се присутни на состаноците за сите заедно да излеземе на крај со ситуацијата во која се наоѓа, не само Гостивар, туку и целата земја. Заклучивме дека состојбата и натаму е сериозна, но радува фактот што имаме поголем број на оздравени пациенти, за една недела 106 лица оздравеле. Останува апелот до граѓаните и институциите да се придржуваат до мерките, носење маска, одржување на дистанца и редовна лична хигиена. Друг заклучок е дека во Гостивар се продолжува со дезинфекција на колективните згради, тоа го вршат екипи на Јавното претпријатие за паркинзи и зеленило, на барање на граѓаните“, рече шефот на кабинет на градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани.

Според информациите од Кризниот штаб моментално активно болни на подрачјето се 255 лица, од кои 224 во Општина Гостивар, 29 во Општина Врапчиште и 2 во Маврово Ростуше.

Потенцијален ризик за ширење на вирусот има и во гужвите пред банките, кои особено можат да се забележат деновиве. Голем број на граѓани уште од наутро доаѓаат да си ја завршат работата, но сепак остануваат да чекаат пред врата и по час-два, со оглед дека има ограничување колку клиенти смеат да бидат внатре во исто време. Во редиците дистанца не се одржува, а носењето маски не го почитуваат сите. Гужвите се резултат на потребата на граѓаните за отворање на нови трансакциски сметки, откако Еуростандард банка отиде под стечај и сметките таму им се блокирани.

error: Content is protected !!