ОУ „Исмаил Ќемали“ во Гостивар стана дел од германскиот проект „Партнери на иднината“

Со потпишување на договор на пригоден настан, се официјализираше соработката меѓу Основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Гостивар и Гете институтот, со кој гостиварското училиште стана дел од германскиот проект „Партнери на иднината“. Проектот има мрежа од над 2.000 училишта ширум светот коишто се партнерски поврзани со Германија. На овој начин учениците и професорите добиваат можност да ги зацрвстат и надополнат своите знаења по германски јазик, преку заеднички активности и размени. На настанот, кој се одржа во холот на училиштето присуствуваа министерката за образование Мила Царовска, градоначалникот Арбен Таравари и Амбасадорката на Германија Анке Холштајн.

„Овој тип на партнерства помеѓу училиштата од две различни може да придонесат во квалитетот на образование. Сметам дека она што може да го научиме од европските земји е дека мултукултурата, учењето на различни јазици, почитувањето на различни култури може да не носи само кон развој. Токму затоа, нашите наставници кои ја спроведуваат оваа програма, ќе ги преземат европските вредности и исто така, ќе ги пренесат на учениците“, изјави министерката Царовска.

Учењето германски јазик, на младите не треба да им биде со цел за да бараат работа во Германија, туку за да бидат подобро квалификувани да ја градат иднината во својата земја, истакна германската амбасадорка.

„Оваа соработка овозможува да се донесе квалитетно изучување на германскиот јазик, овде во Гостивар. Ова училиште е прво со настава на албански јазик што се вклучува во мрежата, што сметам дека е важно. Сакам да нагласам дека младите луѓе не треба да имаат цел да го учат германскиот заради работа и иселување во Германија. Главната цел кога изучуваат јазик треба да им биде за подобра квалификација и подобра работа дома, за да ја градат својата иднина во својата земја“, изјави Амбасадорката Холштајн.

Во училиштето „Исмаил Ќемали“, германски јазик изучуваат околу 560 ученици. Преку проектот „Училишта Партнери на иднината дополнително се нудат и стипендии за студии во Германија и можности за училишни партнерства.