Палењето на Русино стана алармантно, Таравари вели пожарите се подметнати

Состојбата со депонијата Русино, каде изминатите месеци отпадот често гори, вчеравечер   ескалираше. Гостивар се загуши во чад и смрдеа. Граѓаните преку социјалните мрежи револтирано реагираа. Алармантноста ја потврдија и мерните станици за квалитет на воздухот кои покажаа енормни вредности на загадување. Воздухот не се расчисти ниту преку денов. На Гостивар му се случува еколошка катастрофа.

Граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух за Гостивар“ најавува повеќедневно блокирање на патот кој води до депонијата, привремено да се оневозможи транспортот на ѓубре како и во знак на предупредување дека граѓаните го загубија трпението и бараат најитно решавање на проблемот.

„Време е граѓаните да реагираат. После изборите, ние како граѓанска иницијатива ќе ја блокираме депонијата, тоа е единствениот начин. И таа блокада ќе трае 10 дена непрекинато“, рече Десо Матески од иницијативата.

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари денес излезе со објаснување покажувајќи и документ дека општината нема ингеренции врз депонијата. Ја повика Владата или да преземе мерки или да ги врати ингеренциите.

„Ги повикувам Министерство за животна средина и Владата или да преземаат мерки, или да го вратат ингеренциите на општината. Нашите ингеренции се одземени пред 2,5 години. Не сакам предизборно да користам да наштетувам на некого, но јавно кажувам дека со сите невладини организации веднаш после изборите јас ќе бидам прв кој ќе протестира ако треба и пред Владата и пред депнијата“, истакна градоначалникот.

За палењето на отпадот рече дека е намерно со политичка заднина.

На гаснење на пожарот синоќа интервенирала и противпожарната единица и екипи на Комуналец, а од денес ќе се вклучи и Дирекцијата за заштита и спасување. Обезбедувањето на депонијата, според најавите ќе се засилува со 100 надзорни камери.

error: Content is protected !!