Пандемијата голем удар врз жените од руралните средини

Жените во руралните средини се многу погодени од коронакризата. Во истражување, направено од Рурална коалиција дури 84% од нив истакнале дека пандемијата имала негативен ефект врз нивниот живот и врз економската сигурност на семејното земјоделско стопанство. На прашањето, дали сте користеле поддршка за надминување на последиците од пандемијата, 92% одговориле негативно. Една од причините зошто е тоа така е дека не се препознаени од системот, односно се невработени, а сепак работат од 9 до 11 часа на нива или на фарма. Со цел да се подобруваат состојбите, Рурална Коалиција во соработка со партнерски организации се спроведува кампања насловена „Од жена за жена“. Во кампањата се вклучени и жените од полошките рурални средини, а информативна средба се одржа во гостиварско Тумчевиште.

„Со оваа кампања сакаме да испратиме силна порака од жените од руралните средини за нивната потреба од економско зајакнување во услови на пост-Ковид ситуација. Но, не само тогаш. Ако ние го имаме квалитетот, го имаме домашното производство, ја имаме храната произведена и преработена со рацете на овие жени, па тогаш нели е тоа доволно за да станат ВИДЛИВИ, но во исто време и економски СИЛНИ? Има многу мерки како да се направи тоа, а ние решивме да почнеме од самите себе, односно купуваме, подаруваме, промовираме производи кои што самите жени ги произвеле.“, вели Лилјана Јоноски, извршен директор на Рурална коалиција

Во рамки на кампањата жените од различни регионо си разменуваат традиционални производи. Така производите од волна од реканскиот и дебарски крај ќе завршат во источниот дел на државата, а традиционалните росомански слатка, во краеви каде што за прв пат ќе може да се вкусат.  Жените едни на други ќе си подаруваат, но и ќе се запознаваат со традицијата на жените од другите региони, појаснуваат од Рурална коалиција.