Пандемијата ја намали наплатата на даноци во Гостивар, ќе се прави кампања

Светот две години живее во ковид пандемија, а кризата удира во сите аспекти. Финансиските последици се видливи насекаде, граѓаните се осиромашени, поголемиот дел од бизнисите трпат загуби.  

Сетоа тоа негативно се рефлектира врз општинските приходи. Гостивар бележи намалена наплата на даноците и таксите, кои се основни извори за полнење на буџетот. Без овие средства се таложи долгот на општината.

„Приходите доаѓаат од даноци, такси и другите давачки, тоа е законски определено“, рече Садри Елези од Секторот за финансии.

Гостиварската локална самоуправа планира во Новата година да спроведе кампања со цел да ги поттикне и мотивира граѓаните и фирмите да ги подмируваат обврските кои ги имаат кон општината. Ќе може да се користи и можност да се направи договор за плаќање на рати.

„Ако граѓаните, фирмите ги исполнат обврските кон општина Гостивар, ќе може да се плати целиот долг што општината го има и да останат 500 илјади евра. Затоа апелираме  да ги вршат плаќањата“, велат одговорните за буџет.

Според последните податоци, Општина Гостивар има долг кон доверители во износ од 5,5 милиони евра, а побарува 6 милиони евра од даноци, комунални такси и слично.

Финансиските предизвици продолжуваат и во 2022-ра, во која година општинскиот буџет на Гостивар е проектиран на 1 милијарда 170 милиони денари.