Панел-дискусија за превенција од мозочен удар беше одржана во Тетово

Подигнување на свеста за раната превенција од мозочни удари и запознавање на населението со овој здравствен проблем беше целта на панел-дискусијата која се одржа во Тетово.

Над 5000 илјади граѓани во земјава годишно доживуваат мозочен удар, говорат статистичките податоци на специјалистите. Како што дополнуваат, овие бројки се катастрофални, а токму поради тоа со цел навремена превенција, граѓаните треба  да се едуцираат за мозочните удари како еден од најчестите здравствени проблеми. Панел-дискусија токму на темата мозочен удар се одржа вчера во Тетово во рамки на проектот Поликлиника „Д-р Данијела“ – регионален центар за превенција на мозочен удар за Полошкиот регион.

Присутните можеа одблиску да се информираат и за факторите кои влијаат негативно врз човековото здравје и допринесуваат за појавата на мозочен удар, но и кои се методите во процесот на заштита.

Поразителен е и фактот што возрасната граница е поместена па така денес лекарите се соочуваат и со зголемен број на млади кои доживеале мозочен удар, велат специјалистите. 

Вчерашната панел-дискусија меѓу другите ја проследија и повеќе специјалисти невролози и кардиолози од Скопје и Тетово, а истата беше поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој на Македонија.

Ивана Серафимовска