Петмина осомничени за грабеж на 1,8 милиони денари од банкмат во Гостивар

Грабежот во декември на околу 30 илјади евра од банкомат поставен во маркет на ул. „Илинденска“ во Гостивар се случувал како по филмско сценарио.  Осомничените, четворица македонски државјани и една државјанка на Албанија, претходно го неутрализирале сензорот на алармниот систем во маркетот. Потоа, на денот на кражбата со хебли и физичка сила ја отвориле автоматската влезна врата, па со батериска брусилица насилно ги отвориле капакот на банкоматот и сефот кој се наоѓа во долниот дел. Од таму одзеле четири касети во кои имало вкупно 1.800.000 денари, по што брзо го напуштиле местото. Целата „операција“ од провалувањето во маркетот, до излегување низ врата со парите траела 3 и пол минути.

Полицијата ја расчисти оваа тешка кражба, а Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка. Надлежниот јавен обвинител за четворица осомничени до судија на претходна постапка од  гостиварскиот Основен суд достави предлог за определување мерка притвор. Еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор, бидејќи му е поведена постапка за слично кривично дело извршено во Кичево. Судијата го прифати предлогот и на четворицата осомничени им определи притвор во траење од 30 дена. Двајца од нив веќе се спроведени да во притвор, додека едно од машките лица и албанската државјанка се во бегство и по нив се трага.