Пешаците – најризична категорија во сообраќајот
Пешаците – најризична категорија во сообраќајот. Годинава нема жртви на подрaчјето на СВР Тетово, но за 6 месеци 42 лица биле удрени од автомобил. За зголемување на безбедноста ќе се поставуваат камери.
Во првата половина од годинава на тетовско-гостиварското подрачје има вкупно 42 повредени пешаци во сообраќајни несреќи, само еден помалку од минатогодишната бројка. 7 од нив се здобиле со тешки телесни повреди. За среќа нема жртви, наспроти две истиот период лани.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при неодамнешната посета на СВР Тетово, рече дека има подобрување на безбедноста во сообраќајот во земјава, потпирајќи се на статистичките податоци.
Според Спасовски важно е сите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а за да нема селективност и нетранспарентност туку напротив да се преземат сите мерки за зголемување на безбедноста, во ресорното министерство во тек е имплементација на проект за електронско следење.
Минатогодишните податоци покажуваат дека од 25 отсто до 30 отсто од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди се пешаци.
Данијела Билбилоска