Планинарите од Гостивар даруваа крв

Планинарскиот водич Исмет Шурбан од Гостивар до сега дарувал крв 25 пати. Тој беше еден од дваесетината планинари, кои се вклучија во крводарителната акција што ја организираше гостиварскиот Црвен Крст заедно со Планинарското друштво „Шари“.

За Исмет дарувањето на крв е нешто свето, кое секој хуман здрав човек треба да го прави, за да спаси човечки живот.

„Нашиот претседател на друштвото Керим Абази знае да каже дека планинарите имаат најчиста крв бидејќи се движиме низ планинските височини. Апелирам до сите да даруваат крв, за да спасат нечиј живот. Тоа е нешто свето, нема ништо страшно, и сметам дека секој човек треба да го прави.“, изјави Шурбан.

Мерита Алили, секретар на Црвен Крст Гостивар нагласи дека планинарите се редовни крводарители коишто секогаш знаат да ја покажат својата хуманост.

Општинската организација на Црвениот Крст Гостивар и планинарското друштво Шари, ја продлабочија соработката со потпишување на меморандум, во кој се предвидува во иднина, при потреба од спасувачки акции на подрачјето, ќе се вклучуваат и членовите на ова планинарско друштво.

error: Content is protected !!