Планинари и граѓански активисти го кренаа гласот за заштита на природните убавини на пределот Лешница на Шар Планина

Во рамки на планинарската акција која вчера се одржа до ова туристичко место, беше организирано чистење на околината од сметот кој изминатиов период го оставиле несосвесни граѓани, а воедно беа упатени пораки да се стопира изградбата на мали хидроцентрали.

Преку видео обраќање и преку транспаренти на кои пишуваше Спас за Лешница, преку повици: „Запрете ја хидро-мафијата“ и „Не го уништувајте срцето на Шара“,планинари и граѓански активисти вчера во месноста Долна Лешница на Шар Планина го изразија својот револт од почетокот на изградбата на мала хидроцентрала во ова познато излетничко место. Побараа од надлежните државни институции итно да ја запрат изградбата на овој објект, кој, велат, трајно ќе ја уништи реката Пена.

Месноста Лешница со своите убавини оваа година привлече рекорден број посетители, кои за жал зад себе оставија голем неред.  Планинарскиот клуб Јелак организираше еколошка акција, при што беа собрани повеќе вреќи смет.

Ѓубрето кое беше собрано беше транспортирано од самата Лешничка долина сѐ до Тетово.

error: Content is protected !!