Планирани се 3 линии за автобусите во Тетово

Тетовскиот совет денес ја одржа 40-тата Седница, на која се расправаше за 16 точки на дневниот ред и неколку дополнителни на предлог на советниците. Притоа беше дадено зелено светло за планот за работа и финансии за Јавното претпријатие Тетово транспорт за 2021 година.

Во програмата за работа на јавното претпријатие „Тетово транспорт“ првично се планираат три линии со пет автобуси, а истите се планира да вршат превоз на патници во периодот од 6 часот наутро до 22 часот. Јавниот градски превоз во Тетово за неколку месеца ќе започне само со една линија и со 4 автобуси кои би ротирале.

Според условите и искуството од терен ќе се вршат соодветни промени, информираше на денешната седница на Советот, новиот директор на претпријатието Дарко Спировски.   

Според финансискиот план на претпријатието планирани се приходи од билетите, картици и изнајмување на рекламен простор во износ од 18 285 825 денари, еднаква сума и на планираните расходи.

Според претседателот на Советот, Беким Мемети, надлежните се оптимисти дека претпријатието на почетокот ќе работи во „позитивна нула“.

Инаку, на дневен ред пред советниците се најдоа извештајот за работа и активностите на Советот за минатата година, дополнувањата во планот за вработување, детални урбанистички планови и прифаќање донација на контејнери.