Повеќето пациенти кои поминале ковид во Гостивар развиле антитела

Дали откако ја поминав короната, имам имунитет што ме штити од повторна зараза? Ова прашање е најчестото што си го поставуваат пациентите, по прележан ковид 19? Кај граѓаните од Гостивар се покажало дека, повеќето развиле антитела, односно стекнале некаков имунитет. Испитување на присуство на антитела на ковид се врши преку крвта, во лабораторијата на гостиварската болница. За сега, може само да се потврди дали пациентите има или нема антитела, но не и во кој процент.

„Во последно време благодарение на раководителот Африм во боличката лабораторија успеавме да добиеме тестови за антитела и голем дел пациенти како што ни кажуваат, особено медицинскиот персонал кој го поминал вирусот имаат создадено антитела. Немаме се уште испитување на процент, но очекуваме наскоро на микробиологија да добијат соодветна апаратура со која ќе се покаже прецизно колку има ИгГ и ИгМ антитела во организамот на човекот.“, вели д-р Ратко Наумоски, раководител на инфективното одделение во Гостивар.

Научната и медицинската фела во светот се‘ уште истражуваат колку трае и во која мера штити од нова зараза стекнатиот имунитет на коронавирусот. Одредени наводи укажуваат дека оздравеното лице нема да фати повторно ковид најмалку пет месеци, а нивото на заштита се движи околу 80%.

Во однос на актуелната состојба со ковид во Гостивар, д-р Наумоски информира дека на инфективно моментално се хоспитализирани 20 пациенти.

Лекарите советуваат без оглед дали некој ја поминал заразата со ковид, да ги променува и почитува мерките за заштита и протоколите, исто како да не ја прележал болеста. Во истражување направено во Британија на над 6.600 оздравени од ковид, во  44 случаи биле пронајдени потенцијални повторни заразувања. Се потврдило и дека некои луѓе со антитела и понатаму можат да го пренесуваат вирусот.