Повторно бранувања во образованието во Гостивар

Бранувањата во образованието во Гостивар, никако да стивнат. Сменетите директори на гостиварските училишта денес излегоа на прес конференција со реакција дека градоначалникот Арбен Таравари, незаконски ги отстранил од функциите. Тие потенцираа дека Просветниот инспекторат како и второстепената комисија за управни постапки ги уважиле нивните жалби, а градоначалникот одбива да ги почитува процедурите и законите.

„Ние сме осум директори на училишта кои добивме позитивен одговор од горенаведените институции. Одлуката на комисијата и решението на Државниот просветен инспекторат, откриваат законски повреди и го обврзуваат градоначалникот да ги разгледа своите решенија и да ги врати директорите кои биле избрани врз основа на процедури.“, нагласи Џези Камбери, поранешен директор на гимназијата.

Игор Радески кој раководеше со ОУ „Гоце Делчев“ во својата изјава рече: „Јас конкретно по втор пат сум разрешен, иако по моите жалби позитивно одлучуваа и Државниот просветен инспекторат и второстепената комисија. Градоначалникот од само за него познати причини ме разрешува. Апелирам да ги почитува одлуките на инспекторатот и на комисијата“.

За Таравари, ова е нов обид на централната власт повторно да му ги одземе ингеренциите во образованието.

„Ова е политичка игра. Задутре треба да се распушти Парламентот, и последните моменти кога може да се одземат ингеренциите по трет пат се денес, утре или задутре. ДУИ знаат дека имаат лоши резултати на анкетите кај граѓаните и се обидуваат на секаков начин да и` наштетат на Општина Гостивар.“, изјави градоначалникот.

Министерството за образование до сега во два наврати ги одземаше надлежностите на Општина Гостивар во делот на именување и разрешување директори, со образложение дека во таквите процедури се постапувало спротивно на законите.

error: Content is protected !!