Повторно голем пожар на депонијата Русино

Само десетина часа по протестот против Русино, на депонијата повторно гори голем пожар, а над Гостивар се шири облак од чад и непријатна миризба.   

Гостивар утрово се разбуди обвиткан во чад од Русино. Граѓаните во револт и гнев споделуваат фотографии и видеа на социјалните мрежи, на кои се гледа дека состојбата станува застрашувачка и крајно алармантна.

Од иницијативата Стоп Русино кои вчера организираа голем протест во Гостивар, повторно реагираат нагласувајќи дека здравјето на гостиварци е ставено на коцка, а ситуацијата е веќе неподнослива.  

„Уште ноќеска затворавме прозорци заради чадот. Членовите на граѓанската иницијатива рано утрово беа на терен и увидоа дека има голем пожар. Неподносливо е. Ова мора да сопре, да се преземат итни мерки. Најитно да запре палењето, да се затрупува со земја редовно и да се најде начин да се дислоцира Русино. Слушаме за некаков проект за уредување и санирање, но тоа не е решение, Русино не треба да биде регионална депонија“, рече Валентина Штерјоска од Граѓанската иницијатива Стоп Русино.

Високо ниво на загаденост во Гостивар во утринските часови покажуваа и мерните станици на квалитет на воздухот. Нивото на штетни ПМ 10 честички беше пет пати повеќе од максималните дозволени граници.

Гостиварци продолжуваат да се гушат од Русино, а трпението им е веќе при крај. Доколку итно не се преземат конкретни чекори, се најавуваат порадикални мерки и блокади.  

error: Content is protected !!