Подарок книги на Брајово писмо за дечиња од Гостивар

За книгите се вели дека се најголемото богатство на светот, а љубовта кон нив треба да се развива од мали нозе. На читањето сега може да му се радуваат и дечињата со оштетен вид од Гостивар. Писателката Жаклина Мучева го посети центарот на Здружението на лица со посебни потреби „Заедно можеме“ при што подари свои книги на Брајово писмо и во аудио формат.

Се работи за примероци од нејзиниот серијал детски книги „Деби Му“ со забавна, креативна и поучна содржина.

„Ова се книги наменети за деца од одделенска настава, но сакав да ги опфатам и другите деца коишто имаат проблем со видот, затоа научив како се печати книга на Брајова азбука и сама ја отпечатив оваа книга, да им помогнам на моите другарчиња коишто се слабовидни или воопшто не гледаат“, рече писателката.

Веселата атмосфера и вниманието им се важни на децата со посебни потреби особено во периоди на празнување.

Во центарот на „Заедно можеме“ по повод новогодишните празници дојдоа многу гости кои се дружеа со дечињата и им подаруваа пакетчиња.