Подготовки за празникот Голема Богородица во Лешок

Од Тетовско-гостиварската православна епархија со апел граѓаните кои ќе присуствуваат на празнувањата да се придржуваат до мерките за заштита од ширење на коронавирусот.

Манастирскиот комплекс во Лешок се подготвува за централната прослава и воедно одбележувањето на манастирската слава на претстојниот празник Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица. Празнична Вечерна богослужба ќе биде отслужена во четврток, на 27. август, со почеток во 16 часот, додека на 28. август со почеток во 07 часот ќе започне Утрената богослужба, а Светата архиерејска литургија ќе започне во 08 часот.

Од Тетовско-гостиварската православна епархија со апел граѓаните кои ќе присуствуваат на празнувањата да се придржуваат до мерките за заштита од ширење на коронавирусот.

„Наоѓајќи се во период кога сѐ уште владее страшната светска пандемија предизвикана од Коронавирусот, апелираме до сите наши верници строго да се придржуваат до мерките за заштита донесени од страна на Комисијата за заразни болести со цел да го спречиме ширењето на ова подмолно искушение и за да го заштитиме сопственото здравје, но и здравјето на нашите ближни роднини и пријатели. Аналогно на ова со оглед на моменталната ситуација,  ги известуваме сите верници, кои сакаат да дојдат во манастирот за да ѝ се помолат и за да ѝ оддадат чест на Пресвета Богородица, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките за спречување и ширење на вирусот, што подразбира: задолжително носење на заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.) и задолжително држење на физичко растојание од 1,5 метри“ велат од Тетовско-гостиварската православна епархија.

Оваа година, заради превенција од вирусот нема да има официјални приеми и манастирски ручек, а нема да бидат поставени и надворешни штандови за продавање на разни производи.

Грижејќи се за духовното, но и за телесното здравје на своите верници, надлежната Тетовско-гостиварска епархија и настојателството на Лешочкиот манастир ќе ги преземат и спроведат сите мерки согласно законските правила и услови донесени од надлежните институции за заштита од вирусот КОВИД-19. Чествувањето на празникот строго ќе се спроведе според посочените протоколи и услови пропишани од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство“, велат од Тетовско-гостиварската православна епархија.

error: Content is protected !!