Подновување во училиштата во Гостивар, ОУ „Исмаил Ќемали“ со нови тоалети и кабинети

Периодот додека учениците не одат во училиште поради пандемијата, во гостиварските училишта се користи за зафати и проекти со кои се подобруваат условите во објектите.  Во основното училиште „Исмаил Ќемали“ направена е целосна реконструкција на тоалетите. Нов изглед и опрема се обезбедени и во кабинетите за практична настава по хемија и биологија. Инвестициите се реализира со финансиски средства од буџетот на Општина Гостивар.

„Се работи и во други училишта, како основните „Единство“ и „Мустафа Кемал Ататурк“ во градот, потоа „Лирија“ во селото Вруток, гимназијата и други. Сите инвестиции се финансираат од општинскиот буџет, без никаква помош од  Министерството за образование. За училиштата во Гостивар немаат дадено ни едно дени, а не пак денар. Како и да е, ние ќе продолжиме, колку што можеме да инвестираме во училиштата, бидејќи на децата им требаат достоинствени услови“, изјави при денешната посета на училиштето, градоначалникот Арбен Таравари.

Во овој објект на училиштето, кој е централен, настава посетуваат околу 1.000 основци. Директорката Шпреса Усеини истакна дека со реновирањето на тоалетите се решил еден од најголемите проблем за установата, за кој честопати добивале забелешки и од инспекциските служби.   

На подрачјето на Општина Гостивар има 11 централни основни училишта, 20 подрачни и 4 јавни средни школи.

error: Content is protected !!