Пожарникарите во Гостивар помагаат за јавната чистота и распределба на хуманитарни пакети

Гостиварските пожарникари, освен редовните обврски на интервеници за гаснење пожари, периодов додека трае корона пандемијата помагаат и во други активности од јавен интерес. Заедно со екипите на комуналното претпријатие работат на миење на градските улици, а се вклучени и во доставувањето на хуманитарни пакети за социјално загрозени семејства. Што се однесува до состојбата со пожарите, од Противпожарната единица ја оценуваат како вообичаена за овој период од годината, кога има и појава на пожари на отворено.

„Овој месец имаме интервенирано на 26 пожари, од кои 15 на отворен простор, останатите во куќи и други објекти. Состојбата е вообичаена, отприлика како изминатата година во овој период. Сега во време на вонредните услови поради короната, наши екипи се вклучени во миење на улиците заедно со „Комуналец“, како и во активности на Општина Гостивар при делење на пакети со хуманитарна помош“, рече командирот на Противпожарната единица, Јусуф Бајрами.

Изминатиот период биле преземени неколку зафати за подобрување на условите во објектот, кадешто е сместена пожарникарската служба. Сите стари прозорци се заменети со нови, а инсталиран е и нов систем за парно греење. Пожарникарите во наредниот период ќе се подноват и со униформи и опрема. Зградата е стара и дотраена, па има уште многу работи за санирање и обнова, нагласи Бајрами.

Од Противпожарната единица во Гостивар упатија апел до граѓаните, особено до земјоделците и оние коишто се движат во шумски предели, да бидат повнимателни и да не палат огнови за да не се предизвикуваат пожари.

error: Content is protected !!