Пожар во автомобил – повредени нема
Група граѓани вчеравечер пријавиле опожарено возило пред трговскиот центар „Палма Мол“ во Тетово. Автомобилот се наоѓал на паркингот, а пожарникарите веднаш реагирале за да спречат ширење на пламените јазици. За среќа, нема повредени, но причинета е материјална штета. Од Територијалната противпожарна единица Тетово велат дека ова е трет ваков случај во изминатите 10 дена.
„Брзо реагиравме и успеавме да спречиме ширење на пожарот, бидејќи на паркингот имаше повеќе возила и имаше реална опасност од тоа. Пристигнавме навреме со возилото и доволен број на пожарникари за да се локализираат пламените јазици. Причина за пожарот е неисправност на плинскиот уред“, рече командирот на ТППЕТ, Ука Алити.
И од Територијалната противпожарна единица апелираат граѓаните да бидат особено внимателни овој период заради високите температури. Со истиот апел и од Секторот за внатрешни работи Тетово – особено оние кои работат на поле или во шума, како и оние кои престојуваат на излетнички места, да се воздржат од палење огнови и отпадоци. Во спротивно, ќе се соочат со ригорозни законски санкции, кои во крајна истанца предвидуваат и затворски казни од 6 месеци до 8 години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.
Секторот за внатрешни работи Тетово периодов презема координирани превентивни мерки, а ќе бидат засилени и планираните контролни активности на поширокото подрачје.