Познати сите второлигаши

Денес во просториите на Фудбалската Федерација на Македонија беше извршена ждрепката за пополнување на 2. лига. Во западниот регион во конкуренција беа екипите на Беса од Добри Дол, Фортуна од Скопје и Велешта. Најмногу среќа во влечењето имаше екипата на Велешта од истоименото струшко село и тие ќе бидат последниот, десетти учесник во 2. лига Запад. Во 2. лига Исток ждрепката не се одржа бидејќи екипата на Питу Гули од Крушево се откажа од настап и се ослободи уште едно дополнително место и затоа екипите на Слога од Виница и Росоман се нови второлигаши.

Првенствата во сите натпреваривањата беа прекинати на 12 март поради пандемијата на Кови-19, а овие екипи беа првопласирани во своите региони во моментот на прекинот. Според одлуката на УО на ФФМ требаше да се играат бараж натпревари за пополнување на второлигашката конкуренција, но поради големиот број на заразени во екипите кои требаше да учествуваат, тие беа откажани. Токму поради тоа ФФМ одлучи пополнувањето на двете втори лиги да се одреди преку извлекување.

Најавата од ФФМ е дека натпреварувањето во двете втори лиги ќе започне на 22 август.

error: Content is protected !!