Полиците за леб во маркетите полупразни

И во Тетово денес полиците за леб во маркетите се полупразни. Леб има само од неколку помали произведувачи.

Сопствениците на пекарите велат дека одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот е на нивна штета, затоа што и нивните трошоци се многу зголмени, како давачките за струја и плати, така и цената на брашното. 

Од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија остануваат на ставот дека ќе ја почитуваат одлуката што ја донесоа во понеделникот, а тоа е дека нема да произведуваат и да носат бел и полубел леб. Дел од помалите пекари вршат продажба на леб, но и тие не се согласуваат со одлуката за замрзната цена на лебот.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, вели дека со замрзнатата цена на лебот ги штитат граѓаните.

Владата вчера ги оствари најавите, ја замрзна цената на белиот леб на 33 денари до 31 мај, а ја укина и субвенционираната струја која компаниите ја добиваа изминатите три месеци. Мерката нема да важи од први април, а ваквата одлука следува откако анализите на надлежните покажале дека компаниите кои ја користеа поволноста со евтина струја, најголем дел од нив односно 70 отсто не ги намалиле цените.

Властите најавија во следните денови засилени контроли на пазарниот инспекторат.

Данијела Билбилоска