Полицијата во Гостивар хумана и во вонредни услови

Полицијата во Гостивар и во услови на пандемија ги негува хуманите вредности. Денес во Полициската станица се организираше крводарителна акција, која помина успешно со 30-тина собрани единици на крв. Иако, поради состојбите со коронавирусот полициските службеници периодов се многу повеќе работно ангажирани, тоа не ги спречи да даруваат крв, со цел да помогнат да се спасат човечки животи.

„И покрај актуелните отежнати услови, полициските службеници одлучија да даруваат крв, да спасат човечки животи, да помогнат на оние на кои најмногу им е потребно. Ова е втора акција годинава, инаку на годишно ниво во ПС Гостивар се организираат три крводарителни акции кои секогаш поминуваат успешно“, рече Игор Јовановски, координатор за крводарување во ПС Гостивар.

Лекарите нагласуваат дека дарувањето на крв е безбедно и се спроведува според утврдени протоколи за заштита.

„Крводарувањето е 100% безбедно, затоа што работиме со кеси кои се за еднократна употреба, работиме со маски и ракавици, просториите се дезинфицираат, на сите крводарители им се даваат маски, доколку самите немаат, така што не постои ризик и можност на некој начин да се заразат од актуелниот коронавирус. Апелот до граѓаните е сите оние кои се здрави, кои немале контакт со заболен од Ковид 19, се без симптоми да пристапат кон дарување на крв, без да се вознемируваат дека нешто може да им се пренесе.“, изјава д-р Ефтим Димитровски од Институт за трансфузиона медицина Скопје. 

За крводарителите не е задолжителен тест за Ковид 19. Пред да даруваат пополнуваат евидентен лист, а кај оние кои имале контакт со заболен или развиле симптоми дарувањето се одложува.

Денешната крводарителна акција во Полициската станица во Гостивар се спроведе во соработка со Општинската организација на Црвениот Крст.     

error: Content is protected !!