Порасна бројката на заболени со ковид во регионот на Гостивар, нови 11 случаи

Пораст на бројката на заразени со коронавирус во поширокото гостиварско подрачје. Министерството за здравство потврди 11 нови случаи. Гостиварските медицински служби имаат информација дека 5 се од територијата на Општина Гостивар, 3 од Општина Врапчиште. За останатите се уште нема податок, затоа што најверојатно се тестирале дирекно во Скопје. Денес се регистрирани и два оздравени пациенти, со што бројката на активно болни во регионот на Гостивар моментално е околу 60.

Откако почна ковид пандемијата лекарите се соочуваат со различни проблеми во однос на отвореноста на пациентите да зборуваат за своите симптоми. Голем дел од граѓаните се плашат и им се јавува паника доколку треба да одат на преглед и да побараат лекарска помош.

„Пациентите имаат фобија од ковид и хоспитализација и честопати заради тоа не ги кажуваат симптомите точно. А, не секоја треска или температура значи ковид, или дека веднаш пациентот ќе биде ставен во инфективно одделение. Нашето искуство кажува дека луѓето имаат голем страв од тоа“, вели д-р Мухамедали Хајредини, кој е член на Кризниот штаб во Општина Врапчиште.

Медицинските лица сметаат дека е неопходна подобра едукација на населението за пациентите да го надминат стравот, да не кријат симптоми со што лекувањето за било која дијагноза ќе се спроведе поефикасно.

Инаку, во гостиварскиот регион до сега вкупно се направени над 630 тестови за корона.