Потпишан договор за спонзорство помеѓу ФК Тетекс и Dream living – Тетово

Изминатава сабота Управниот одбор на фудбалскиот клуб Тетекс и компанијата Дрим ливинг од Тетово потпишаа договор за спонзорство. Од ФК Тетекс истакнаа дека склучувањето на овој договор е светла точка додека клубот се бори за опстанок.

Во саботата на 18.02.2023 година претставници на Управниот одбор на ФК Тетекс претставуван од страна на претседателот на УО Бобан Вучевски и управителот на Dream living Тетово, Тони Столевски, склучија договор за спонзорство на ФК Тетекс – Тетово. На средбата од страна на претседателот на управниот одбор на клубот беше истакнато дека потпишувањето на овој договор претставува позитивен пример и треба да биде поттик и за останатите компании кај нас да го следат истиот и да помагаат колку што можат во рамките на своите можности, со единствена цел да му се помогне на фудбалскиот клуб којшто е гордост на Тетово и тетовчани. Изминатиот период со сите сили и ресурси кои им стоеја на располагање, а пред се’ со голема љубов  кон клубот и спортот ФК Тетекс успеа да постигне добри резултати. На крајот на средбата од страна на претставнците на управниот одбор на ФК Тетекс уште еднаш беше упатен апел до сите љубители на фудбалот и општествено одговорни компании да помогнат во поддршката и опстанкот на клубот, а потоа и враќање на ФК Тетекс на местото кое го заслужува во првата лига од македонскиот фудбал.