Потребен е механизам за редовно подигање на отпадот во селата на Шар Планина
Отпад низ излетничките места на Шар Планина, диви депонии во атарот на населените места. Националниот парк во соработка со планинарските друштва и здруженија, во неколку наврати организираa еколошки акции, но тоа не е доволно. Потребен е механизам за редовно подигање на отпадот од општините, во чија територија спаѓаат и шарпланинските села.
И по прогласувањето за Национален парк проблемот со сметот на Шара продолжува. Иако Јавната установа која управува со паркот, започна иницијатива за чистење на планината, сепак, голема загриженост предизвикува цврстиот отпад кој го има на неколку локации, како и населените места каде не се собира сметот, вели директорот Ибрахим Дехари.
„Низ цела Шара не само што има фрлен отпад, туку поголемиот проблем е во самите населени места кај што не се собира отпад. Отворивме дискусии со општините така што од нив бараме да се спроведе редовно собирање отпад од селата каде не се собира. Мене ми е срам да одам кај тие граѓани таму и да им речам не фрлајте отад оти нема кај да го однесат“, изјави Ибрахим Дехари, директор на ЈУ Национален парк Шар Планина
И излетничките места се полни со отпад, алармираат планинарските клубови кои учестуваат во акциите за чистење.
„Места кои што се пристапни со теренски возила, доаѓаат луѓе и свеста на тие луѓе е до тоа ниво што оставаат тука. Националниот парк Шар Планина изминативе месец дена организира секој викенд настани. Планарските друштва од Тетово и од Гостивар се вклучени во овие настани. Ние видовме и гледаме цело време дека по патеките, ние собравме дел од отпадот, но тоа е многу малку, за разлика од она што го имаме во населните места и во излетничките места“, изјави Јован Божиновски, претседател на Планинарски клуб Љуботен
Од Установата велат дека ќе бидат упорни во разговорите со општините за решавање на проблемот, од каде добиле одговор дека ќе ги внесат планинските села во системот за собирање, додека до посетителите апелираат својот отпад да го понесат со себе.
Данијела Билбилоска