Почнаа подготовките за поставување на ковид центарот во Гостивар

Започнаа теренските подготовки за поставување на монтажниот ковид центар во Гостивар. Градежна механизација од вчера работи на уривање на објектот на поранешното одделение за дијализа. На негово место е предвидено да се монтира помошниот центар за третман на заболени со ковид. Локацијата била избрана како најпогодна, со оглед дека е во кругот на болницата, спроти инфективното одделение.

Овој центар е еден од 16-те што ги најави Министерството за здравство, како дополнителни капацитети за згрижување на ковид пациенти. Ќе се градат со кредит од Светска банка. Гостиварската модуларна болница ќе има 33 кревети.

„По целосно отстранување на објектот на старото одделение за дијализа, ќе се постави соодветно плато за на него да се монтира модуларниот ковид центар. Така ќе добиеме дополнителен број на легла. Искрено се надевам дека нема да има потреба да ги користиме максимум капацитетите, но доколку ескалира ситуацијата ќе бидеме подготвени“, рече директорот на болницата Јакуп Јакупи.

Во ковид центарот, освен болничките соби планирана е и соба за изолација на сомнителни случаи, како и просторија за мали интервенции и рентгенско снимање. Актуелно заболени пациенти со ковид во гостиварската болница се лекуваат на инфективното, дел од интерното и на невролошкото одделение.

Според податоците во извештајот на Институтот за јавно здравје во периодот од 30 ноември до 6 декември на подрачјето на Гостивар биле потврдени нови 306 заразени со коронавирус. Од почетокот на пандемијата регистрирани се околу 2.900 случаи.