Почна платниот промет на шалтерите во Пошта

Поштенските шалтери се отворија за уплати. По неколку месеци пауза, граѓаните повторно може во Пошта да плаќаат сметки, фактури и да вршат други плаќања. Системот е имплементиран согласно договорот со новиот партнер Халкбанка, а првата недела ќе биде тест период за да се остранат евентуални пречки и недостатоци. Во Гостивар за сега уплати може да се вршат само во главната пошта, кај Саат Кулата.

„Првата недела е тест период, имаме нов партнер и не е истата апликација, мора нешто да тестираме, да не се јават некои пречки, да се провери дали е се во ред. Треба да се знае е дека моментално уплата може да се врши само во главната пошта, кај Саат Кулата, но тоа не значи дека така ќе остане и понатаму. За брзо време плаќања ќе може да се вршат и во другите банки“, рече директорот на Пошта во Гостивар, Бетим Мехмеди.

Од подружницата во Гостивар апелираат на почитување на мерките за заштита против ковид и задолжително поседување лична карта при уплата.

Провизиите при плаќања во Пошта се пониски отколку во банките, и тоа значи помал трошок за граѓаните.

Според најавите, наскоро коминтентите на Халкбанк на шалтерите на Пошта ќе можат да вршат и директни плаќања од своите сметки, а ќе бидат овозможени и други банкарскиуслуги. Платниот промет преку Пошта беше прекинат по прогласувањето стечај на Еуростандард банка, која претходно имаше договор за таа намена.