Почнува тридневното гласање за парламентарните избори

Денес гласаат позитивните на Ковид-19 и лицата во изолација, на 14-ти болните и изнемоштените и затворениците, а сите останати на 15-ти јули, на денот на изборите. Петнаесет партии и коалиции се натпреваруваат за 120 места во македонскиот парламент.

Денеска почнува гласањето, кое за првпат поради пандемијата со коронавирусот ќе трае три дена под посебно утврдени здравствени протоколи.

Гласањето почнува токму со лицата со Ковид-19 и во самоизолација, чии барања беа прифатени од Државната изборна комисија, а го спроведуваат посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници и претставници на политичките партии. Во своите домови денеска гласаат 711 лица во земјава кои се позитивни на Ковид 19 или се во самоизолација.

14-ти јули е резервиран за гласање на старите и изнемоштени лица, како и затвореници6е. Утре ќе гласаат 8 855 болни и немоќни лица чија пријава била прифатена од ДИК.

Во среда, на 15-ти јули, ќе гласаат сите останати лица во земјава. Избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а за првпат, гласањето ќе трае два часа повеќе, односно до 21 часот. Сите граѓани кои ќе излезат на гласање, мора строго да ги почитуваат правилата.

Пред гласачкото место секој гласач ќе мора да оддржува соодветно растојание од 1,5 до 2 метра. На влез и излез гласачите ќе мора задолжително да ги дезинфицираат рацете. Откако ќе влезе, на соодветно растојание накратко ќе мора да ја извади маската, за да може членовите на избирачкиот одбор да го идентификуваат. Носењето маска е задолжително, а ракавици не. Наместо посебно пенкало за секој гласач, како што се најавуваше, пенкалата повремено ќе се дезинфицираат. На изборниот ден, забранети се маските кои содржат симболи на политички партии или коалиции.

Вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список е 1.814.263.

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија ќе ги следат над 2.000 домашни и странски набљудувачи.

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека 15 јули, среда, е неработен ден за сите граѓани, поради одржување на предвремените парламентарни избори. Неработниот ден нема да се одработува.

error: Content is protected !!