Пошта отвори нов пункт со шалтери во Гостивар

Подружницата на Пошта во Гостивар го зголеми шалтерскиот капацитет. Денес официјално беше пуштен во употреба нов пункт за услуги за граѓани и правни лица, кој е лоциран во близина на зградата на гостиварскиот Основен суд. На отворањето присуствуваше и генералниот директор на Пошта, Јани Макрадули.

„На овој начин се приближуваме до граѓаните, она што е наше мото како менаџмент, да не чекаат премногу и да придонесеме во намалувањето на влијанието на пандемијата. Овој преубав објект е направен со наши средства, користени се делови од други пошти кои се затворија и навистина покажуваме дека Пошта може сама и да се снајде за некои работи“, изјави Макрадули.

Макрадули информираше дека при крај се тендерските процедури за реновирање на главниот поштенски објект во Гостивар, кај Саат кулата и се очекува наскоро да почнат работите. Генералниот директор исто така најави нови вработувања.

На тендерот за реконструкција на гостиварската главна пошта се пријавиле осум фирми во Гостивар. Со проектот, кој е вреден околу 200 илјади евра, нов лик ќе добијат и шалтерската сала и канцелариите на администрацијата.

Новиот пункт на Пошта во Гостивар ќе биде отворен секој работен ден, од понеделник до петок, во една смена од 8 до 16 часот.