По скандалозното видео снимено во тетовската болница и објавено на социјалните мрежи приведен е лекар
Од Лекарската комора го осудуваат инцидентот и велат дека итно ќе го испитаат случајот.
Во полициска станица заврши лекарот кој снимал видео во кое се гледа лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала помош во тетовската болница, на одделението за киретажа, а беше објавено преку мрежата “тик ток”. По пријава од директорот на болницата, Плумб Вела, дваесет минути пред полноќ полицијата го привела 43-годишникот, вработен како анестезиолог.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, информираше дека лекарот е отпуштен од работа.
Од Лекарската комора најостро го осудуваат инцидентот и велат дека итно ќе го испитаат случајот и во најкус рок ќе бидат свикани органите на Комората да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки.
Со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професија ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба. Лекарската комора како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата, како дејност од посебен општествен интерес. – ЛЕКАРСКА КОМОРА НА РСМ
Јавен обвинител работи на случајот и по негово документирање ќе биде поднесена соодветна пријава. Според неофицијални информации во ваков случај лицето може да се товари за кривично дело неовластено снимање.
Данијела Билбилоска