По трет пат продолжена блокадата на Русино

Рампата кон Русино, останува спуштена и понатаму. Граѓаните одлучија да ја продолжат блокадата и во следните 10 дена. Пристап до депонијата, за сега имаат само камионите со отпад на гостиварски Комуналец. Од граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“ велат дека во меѓувреме очекуваат да остварат состанок со градоначалниците од полошко за да се разговара за нивните барања.

„Нашето главно барање е депонијата да се затвори – Стоп Русино. Но, знаеме дека тоа не може да се случи веднаш. Додека се работи на тоа, бараме пред се итна санација, да се соберат отпадните води, патот да се исчисти, полн е со ѓубре. Исто така, камионите да се санираат, затоа што тие поминуваат низ Гостивар. Транспортот на ѓубре да биде во одреден термин, од 22 навечер до 6 наутро. И се разбира редовно трупање и тапкање на ѓубриштето“ изјави Анастасија Дукоска, од граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“

Ова е трет пат по ред како се продолжува блокадата на Русино. Граѓаните веќе еден месец дежураат на рампата по 24 часа.

„Горда сум на сите што се вклучени во иницијативата и даваат поддршка. Навистина не е лесно да се спроведе 24-часовна блокада, и тоа поминавме секакви временски услови, и многу жешко време и дожд. Граѓаните се вклучуваат и даваат поддршка, но сметам дека треба уште повеќе, да не биде тоа само преку пишување на социјалните мрежи, туку секој да издвои малку време и да дежура на рампата“, рече Дукоска.

Додека граѓаните децидно бараат затворање на Русино и дислокација, институциите се залаагаат за имплементирање на проект за уредување и стандардизација на депонијата во регионална, за сите полошки општини.

error: Content is protected !!