По 80-тина лица дневно се пријавуваат за новата помош во Центарот за социјала во Гостивар

Новите мерки кои опфаќаат помош на необезбедени семејства во услови на криза поради коронавирусот, создаваат гужви во Центарот за социјална работа во Гостивар. Дневно за минимална помош на домаќинства кои останале без приход, се пријавуваат по осумдесетина лица. Во Центарот периодов доаѓаат и граѓани за тековни услуги и потреби, па обемот на работа е доста зголемен.

Службите за сега, сами се грижат за спроведување на ред и се трудат да се избегне истовремено влегување на поголеми групи луѓе, внатре во просториите.

„Во просек од 70 до 80 дневно доаѓаат да аплицираат за новата мерка. Плус доаѓаат да се пријавуваат за социјалната пензија и останатите социјални права. Навистина се прави голема гужва, ако ние самите не воспоставувам ред, може да се случи по 50 луѓе да се најдат во ходникот, што не смее да се дозволи. Се трудиме така што еден од вработените стои на врата да ги пропушта странките, а други двајца ги услужуваат на шалтерите. Тоа е во интерес и на нас како вработени во Центарот и на граѓаните коишто доаѓаат.“, вели Надица Величкоска, директор на Центарот за социјална работа во Гостивар.

Величкоска упати апел до граѓаните кои имаат потреба да ги посетат нивните служби периодов, да се држат до препораките за заштита и да имаат трпение, а предност да им се даде на постарите лица.

Помошта за семејствата кои останале без приходи ќе се движи од 4 до 10.000 денари, зависно од бројот на членови.

Домаќинствата кои користат гарантирана минимална помош, ќе остварат и паричен додаток од 1.000 денари за дел од трошоците за електрична енергија за месеците април и мај.

error: Content is protected !!