Правилно користење на заштитните маски

Кога и како е правилно да се носи заштитна маска? Недостигот на средства за заштита во овој период, е причината зошто маските треба паметно и правилно да се користат од страна на лицата на кои тоа им е најпотребно. Лекарот по општа медицина д-р Тимосије Јованоски, вели дека примарно – тоа се здравствените работници и болните лица од Ковид-19.

„Маските заштитуваат само кога се користат правилно и во комбинација на хигиенски мерки. Ако немате симптоми на ковид-19, нема потреба да носите маска. Дури може да биде и извор на ифекции ако маската не се користи правилно. Маската се поставува ако сте болни од Ковид-19, се грижите за лице кое е болно од Ковид-19“, информира д-р Јованоски.

Кој е правилниот начин за користење на маските?

„Рацете треба да се измијат со сапун и вода или дезифициенс, маската да се прегледа дали има дупки, се идентификува страната која треба да го допира лицето, обично тоа е белата страна. На едниот раб постои метален сегмент што треба да налегнува на носот и да биде свртен нагоре. Потоа се става маската за целосно да ги покрива носот, устата и брадата. не ја допирајте маската додека ја носите. Ако ја допрете, измијте ги рацете. Извадете ја со внимание за да не го допрете предниот дел, вадејќи ги еластичните врвки. Фрлете ја, бидејќи се за една употреба и се менува кога ќе стане влажна. Запомнете, најдобра заштита против Ковид-19 е социјалната дистанца, редовното миење на рацете“, вели д-р Тимосије.

Ако се соочите со респираторни симптоми како кашлица, болка во грлото, течење на нос и треска, препораките се да се јавите на вашиот лекар за совет, без да посетувате амбуланти. Д-р Тимосије додава дека прегледот прво треба да се закаже преку телефон. Доколку со закажан преглед одите на лекар, продолжете со почитување на препораките – што помалку допирајте работни површини, измијте ги рацете со сапун и вода или дезинфициенс пред да влезете на прегледот, но и откако ќе завршите со истиот, додава д-р Јованоски.

error: Content is protected !!