Прва крводарителна акција во Гостивар во 2022-ра

Успешно спроведена првата крводарителна акција во 2022-ра година во Гостивар. Во просториите на службата за трансфузиологија во гостиварската болница, крв даруваа 20-тина граѓани, повеќето редовни крводарители.

Медицинските лица оценија дека интересот задоволува, не изоставувајќи ги апелот сите лица што се здрави да ја покажат хуманоста на ваков благороден начин.

„Акцијата започна утрово и може да кажеме дека се одвиваше како што е предвидено и според протоколите во ковид пандемија. Задоволни сме од одзивот, во Гостивар навистина има хумани луѓе, кои редовно даруваат крв. Денес се собраа 20-тина единици од скапоцената течност. Ја користам приликата да апелирам до сите здрави граѓани да станат крводарители, со што може да спасат нечиј живот“, рече Џијана Алији, биохемичар.

Од Службата за трансфузиологија во Гостивар велат дека располагаат со доволно резерви на крв и крвни единици за да се покријат потребите за пациентите. Крводарителството се одвива редовно и во услови на пандемија. Се бележи незначителен намален процент на крводарување, кој според медицинарите нема влијание во менување на целокупната состојба. Во Гостивар годишно се собираат од 1.300 до 1.500 единици на крв.

Денешната акција ја организираше Општинската организација на Црвениот крст во соработка со трансфузиологија.

Предновогодишниот период вакви акции се спроведоа низ гостиварските средни училишта.