Прв случај на коронавирус во Општина Маврово и Ростуше

Регистриран е првиот позитивен случај на коронавирус на подрачјето на Општина Маврово и Ростуше. Како што информираат од тамошниот Кризен штаб, резултатите стигнале вчера во попладневните часови, а пациентот е веќе згрижен на инфективно одделение во општата болница во Гостивар, и е во добра здравствена состојба.

Епидемиолошката служба во Гостивар ги доставила податоците и препораките како треба да постапуваат лицата кои биле во непосреден контакт со заболениот пациент. 

Првиот потврден случај на Ковид 19, го собра Кризниот штаб на Маврово и Ростуше на вонреден состанок. Надлежните побараа максимална внимателност и почитување на мерките од страна на граѓаните.

„Упатуваме апел до сите наши сограѓани, строго да се придржуваат кон препораките дадени од страна на Министерството за здравство. Сите да носиме заштитни маски и ракавици, да не се собираме во групи, да држиме растојание од 2 метри, да избегнуваме одење на гости и по други градови. Колку сме подисциплинирани толку побрзо ќе ја надминиме оваа кризна состојба.“, соопштија од штабот.

Вчера пристигнале и резултати од тестирање за Ковид 19 за уште еден жител на оваа општина, кои биле негативни.

error: Content is protected !!