Препирки меѓу ДУИ и Општина Гостивар за кучињата скитници

Нова препирка меѓу ДУИ и локалната власт на Гостивар. Овој пат тема беше проблемот и третманот на кучињата скитници. Од огранокот на ДУИ посочија дека, општината и градоначалникот само ветувале и правеле медиумска помпа, а реално проблемот не го решиле. Од партијата посочија дека за ова прашање биле потрошени 80 илјади евра од општинскиот буџет и донации, без никакви ефекти.

„Во предизборната кампања, актуелниот градоначалник вети дека ќе го реши проблемот со бездомните кучиња уште во првата година од мандатот. Поминаа 3 години и решение нема. Ситуацијата дури се влоши и сега е алармантна. Според податоците на општина Гостивар, за оваа намена се потрошени над 80 илјади евра и проблемот сè уште не е решен. Во 2018 година, се промовираше првиот стационар за третман на бездомни кучиња. Во текот на 2020 година беше промовиран нов стационар кој чинеше 9.000 евра. Во овој проект, Општина Гостивар кофинансираше 25 % и ги покри сите други трошоци. Овие 3 години бројот на каснувања на кучиња скитници е двојно зголемен. Овие 3 години низ улиците на градот гледаме повеќе кучиња од кога било. Беа дадени ветувања, даноците на граѓаните на Гостивар беа потрошени и ефектот е нула. Сликите од стационарите за кучиња се тажни. Ситуацијата е сурова. Едното засолниште не работи, а во другото кучињата оставнеи без светло, вода, храна и елементарни услови, 4 месеци по ред.“, рече Валдет Џафери од ДУИ.

 На ваквите обвинувања од Општина Гостивар одговорија преку соопштение, нагласувајќи дека се неосновани, а хаосот со бездомните кучиња бил наследен од претходното општинско раководство на ДУИ.

„Со доаѓањето на Арбен Таравари на чело на општина Гостивар, изградени се два стационари за сместување и третман на бездомни кучиња. Актуелното општинско раководство, на почетокот на мандатот во 2017 година, наследи хаос со овој проблем. Немаше акција за овој повеќегодишен проблем во градот Гостивар, но исто така и на национално ниво од страна на раководството на ДУИ. Во текот на последните три години со новото општинско раководство над 700 кучиња биле третирани, вакцинирани и оперирани. Општина Гостивар ќе продолжи со посветеност да работи на третман на кучиња скитници во Гостивар и околината. За жал ДУИ во 9 години раководење со општина Гостивар не стори ништо. “, наведоа од општината.  

error: Content is protected !!