Приведено лице кое се сомничи дека извршило неколку кражби во Гостивар

35-годишен гостиварец вчера бил лишен од слобода, поради сомнение дека сторил кривични дела „тешки кражби“, извршени во текот на декември 2021 од деловни објекти во Гостивар. Притоа кај него биле пронајдени и одземени повеќе предмети кои потекнуваат од кривичните дела, кои ќе им бидат вратени на сопствениците. Тој е приведен и задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

44-годишна жена од тетовска Брвеница вработена во Клиничка болница Тетово вчера пријавила дека околу 09.00 часот, по претходна расправија, била физички нападната од тетовец, исто така, вработен во болницата. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Вчера во 22.30 часот во СВР Тетово 24-годишна жена од Тетово пријавила дека на 11 јануари околу 18.30 часот, во семејниот дом, по вербална расправија со нејзиниот сопруг , била физички нападната од него. Се работи на целосно расчистување на случајот.

Малолетник заедно со неговиот родител вчера во СВР Тетово пријавиле дека на 7 јануари околу 18.15 часот на паркинг од трговски центар во Тетово, додека тој бил со неговите малолетни пријатели, биле физички нападнати од четри лица кои при нападот користеле и остар предмет, со кој му нанеле повреда. Се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.

Вчера полициски службеници од  СВР Тетово на улица ,,Питу Гули“, привеле 54-годишник од Тетово, поради тоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејства.  По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од СВР Тетово, во рамки на континуираните контролни активности за откривање и санкционирање на лица кои управуваат технички неисправни возила, вчера (12.01.2022) откриле и санкционирале четири технички неисправни возила (ТЕ-2 и ГВ-2), кои вршат јавен превоз. Тие веднаш биле исклучени од сообраќај до отстранување на констатираните неисправности. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци, при што ќе се соочат со парична глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност.