Приведен крадец на уметнички слики, одреден притвор, а дел од одземеното вратено на сопственикот    

На 29.06.2022 на подрачјето на Центар полициски службеници од Полициска станица Центар го лишиле од слобода Е.Д.(33) од Скопје. За него била издадена локална потерница, поради постоење основано сомнение дека сторил две тешки кражби на уметнички слики од книжарница на ул.„Ѓуро Стругар“ во Скопје, извршени на 26 и 27.06.2022 година.
Дел од украдените уметнички слики се пронајдени и вратени на сопственикот. Е.Д. е задржан во Полициска станица Центар и во координација со Јавен обвинител против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „тешка кражба“, казниво по член 236 од Кривичниот законик, а од страна на судија на претходна постапка одредена му е  мерка притвор.

Инаку пред неколку дена во Мултимедијалниот културен центар Матица Ексклузив од уметникот Павле Кузманоски, украдени се 16 негови ретки дела во маслена техника, пастели, акварели и цртежи во туш на тема урбани пејсажи создадени во последните 60 години.

– На 27.06.2022 во 00:53 часот во Полициската станица Центар, Р.П.(72) од Скопје пријавил дека во периодот од 16.00 часот на 25.06.2022 до 23.55 часот на 26.06.2022 во негова книжарница на улица „Ѓуро Стругар“ во Скопје било влезено со употреба на сила и подесен алат и биле одземени шест уметнички слики. Исто така, денеска во 12:00 часот во Полициската станица Центар било пријавено дека во истата книжарница денеска повторно било влезено со употреба на сила и подесен алат и биле одземени уште 10 уметнички слики – соопштија тогаш од МВР.