Приведен лекар кој изработувал лажни тестови

Лекар од гостиварската болница изготвувал негативни пцр тестови за коронавирус, за што наплаќал одредена сума пари.

Секторот за внатрешни работи Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар до Основното јавно обвинителство Гостивар денеска поднесе кривична пријава против 45-годишник од гостиварско Чегране, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 од Кривичниот законик.

Тој се сомничи дека на 7 и 9 овој месец, како лекар во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“ на две лица им изготвил лажни негативни „ПЦР-тестови“ и им наплатил 3000, односно 1500 денари или вкупно 4500 денари, а кои им биле потребни за патување во странство.

45-годишникот кој вчера бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гостивар, со кривичната пријава денеска ќе биде однесен пред Јавен обвинител.