Приведен сопственик на интернет кафе, не ги почитувал препораките против корона

И покрај постојаните предупредувања од надлежните институции да се почитуваат одлуките за превенција од коронавирус, кај дел од угостителите на гостиварското подрачје нема дисциплина. Полицијата регистрира втор случај на прекршување на правилата при кој објект работел и внатре имало гости.

СВР Тетово информираше дека вчеравечер во селото Добридол, полициски службеници Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар лишиле од слобода 57-годишно лице, сопственик на интернет кафе и го задржале во Полициската станица. При  контрола спроведена заедно со Државниот пазарен инспекторат, во објектот биле затекнати 12 гости. Лицето постапило спротивно на владината одлука и мерките и препораките за заштита од „корона-вирусот“ и сторило кривично дело„непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, информира полицијата.

Сопственикот на локалот во текот на денот ќе биде изведен пред судија во претходна постапка на Основниот суд Гостивар.

За угостителот во чиј објект внатре во Гостивар завчера беа затекнати гости, обвинителството бара парична казна.

Инаку, во првиот град на Вардар, сликата секојдневно се менува. Вчера, преку ден имаше гужва на градскиот пазар и вообичаено движење низ улиците. Денес, можеше да се забележи дека фреквенцијата на луѓе по улиците е значително намалена. Пазарот од вчера попладне е затворен.

Општина Гостивар реши со мегафон поставен на возило од Противпожарната единица да ги повикува граѓаните, да ги следат препораките за заштита од коронавирусот и да седат дома.

error: Content is protected !!