Продолжува рокот на траење на одлуката за определување на највисоки цени на овошјето и зеленчукот
За еден месец, односно до 31-ви мај се продолжува рокот на траење на Одлуката за определување на највисоки цени на овошје и зеленчук во трговијата на големо и трговијата на мало. Предлогот е на Министерството за економија, а одлуката ја донесе Владата на вчерашната седница. Со Одлуката, се продолжува примената на веќе утврдени највисоки трговски цени, од 30-ти април 2023 година, до 31-ви мај 2023 година, на одреден дел од овошјето и на зеленчукот и тоа во висина:
– до 95 денари за килограм свежи домати,
– до 95 денари за килограм свежи краставици,
– до 70 денари за килограм кромид,
– до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки,
– до 95 денари за килограм грав,
– до 110 денари за килограм леќа,
– до 75 денари за килограм банани,
– до 60 денари за килограм портокали,
– до 65 денари за килограм мандарини и
– до 60 денари за килограм лимони.
– Имајќи предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените во трговијата на мало, а состојбата на пазарот укажува дека цените се’ уште не се стабилизирани, се наметна потребата да се предложи измена на Одлуката, со која рокот на примената се продолжува до 31-ви мај 2023 година, соопшти Министерството за економија.
Инаку, Владата донесе и Одлука за изменување на Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед.
Со Одлуката, се продолжува рокот од 30-ти април 2023 година на 31-ви мај 2023 година, до кога трговците кои претставуваат правни и физички лица, регистрирани за вршење трговска дејност, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови овошје и зеленчук, да прибавуваат и да продаваат најмалку 70% од определени видови овошје и зеленчук, односно: свежи домати, свежи краставици, кромид, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони.