Продолжува трендот на опаѓање на наталитетот во Гостивар

Во Гостивар годинава се родиле помалку бебиња во споредба со лани, истиот период. Но, опаѓањето на наталитетот не се поврзува со пандемијата на Ковид 19, туку со тренд кој владее последната декада. Младите се иселуваат во странство, а тие што остануваат потешко се решаваат да имаат повеќе деца. Гинеколошко-акушерското одделение во гостиварската болница функционира со нормално темпо и до сега немало трудница со симптоми на корона.

„Забележуваме мал пад на раѓањата за разлика од лани, но тоа не е поради пандемијата со коронавирусот, туку општите трендови. За жал од година на година, имаме намалување на новороденчињата. Лани истиот период имало 218 породувања, а сега оваа бројка изнесува 198. Сме немале пациентка со симптоми на Ковид 19, а секако на нашето одделение се преземаат мерките на претпазливост коишто се препорачани од Комисијата за заразни болести, како редовна дезинфекција, носење заштитна опрема и слично“, изјави д-р Агим Јакупи, раководител на гинеколошко-акушерско одделение во болница во Гостивар.

Она што загрижува е зголемениот број на спонтани абортуси. Во евиденцијата на гостиварската болница, од почетокот на годинава ги имало триесетина. Гинеколозите велат дека е тешко да се определат точните причини за тоа, но сметаат дека бремените жени мора да обрнат поголемо внимание на текот на бременоста и да ги вршат редовните контроли.

Минатата година во одделението за водење на матична евиденција во Гостивар биле запишани 1.103 бебиња. Од нив, над 450 се родиле во странство од наши граѓани, коишто потоа ги пријавиле во овдешната матична служба. Останатите бебиња биле родени во гостиварската болница или во болниците во Скопје и Тетово

error: Content is protected !!