Промовирана скулптура на Кејот на Вардар во Гостивар

Шеталиштето покрај Вардар во Гостивар да се претвори во уметничко катче. Тргнувајќи од оваа идеја, гостиварскиот уметник Џезаир Реџепи создаде монументална скулптура и ја предаде на општината, која ја постави на кејот.

Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и општина Гостивар. Делото носи наслов Метафора на слободата, а официјално беше промовирано денес во присуство на уметници колеги, претставници на локалната самоуправа и пријатели.

„Тргнав од фактот дека Гостивар има многу уметници, но нема многу уметнички дела на отворен простор. Идејата се реализираше благодарение на поддршката што ја добив од Министерството за култура и општина Гостивар и еве денес дојде ден официјално да ја промовираме скулптурата. Верувам дека просторот на овој начин се облагородува, а се надевам дека ќе се инспирираат и останатите уметници, па Кејот на Вардар да се претвори во уметничко катче“, рече Реџепи.

За поубав амбиент во градот и издигнување на културното ниво, ова нека биде мотив и други уметници да прават слични проекти, порача претседателот на Советот, Ваљбон Лимани.  

Џезаир Реџепи е роден 1983 година, во горнореканското село Тануше. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Тетово, а работи во Конзерваторскиот центар во Гостивар. Имал неколку самостојни изложби, а редовно учествува на домашни и меѓународни ликовни колонии и уметнички манифестаци.